СПЕКТАКЛ КАКОВ ШТО ДОСЕГА НЕ Е ВИДЕН! Најголемите музички ѕвезди во Штарк Арена на 29 јануари

Дали сте спремни за најголемиот музички спектакл кога и да било виден во овој дел од Европа? Уште неполн месец остана до манифестацијата Music Awards Ceremony (MAC), која на 29 јануари во Штарк Арената ќе ги собере најголемите ѕвезди од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија, на првото регионално доделување на музичките признанија.

И додека бројни познати личности од целиот регион како Горан Бреговиќ, Сара Јо, Лена Ковачевиќ, македонските музичари Панчо ДНК, Лозано и многу други на социјалните мрежи ги поддржаа MAC, објавени се и имињата на изведувачите кои ќе настапат на церемонијата. Бајага, Петар Грашо, Жељко Јоксимовиќ се само некои од нив.

„Мило ми е дека за прв пат во Белград се организира манифестацијата која на професионален и врвен начин ќе направи еден музички пресек на сè што е најквалитетно и најпопуларно во целиот регион. Се гледаме на MAC, воедно и да одбележиме 35 години музика на Бајага и Инструктори. Добре дојдовте!“ – вели Момчило Бајагиќ – Бајага, најавувајќи го својот настап на манифестацијата.
Свеченото доделување на музичките признанија ќе трае околу 4 часа, повеќе од 200 ВИП личности ќе прошетаат по црвениот килим, а ќе бидат доделени повеќе од 30 признанија. MAC директно ќе го пренесуваат телевизиите со национални фреквенции од регионот. Гледачите од Србија и Црна Гора преносот од Штарк Арена ќе го следат на ТВ Прва, а Радио С е главен партнер на манифестацијата.

На MAC доаѓа и големата регионална ѕвезда Петар Грашо, кој по тој повод рече:

„Манифестацијата MAC и самиот концепт е исклучително важен затоа што создава поширока слика од она добро што на музички план се случува во регионот, па ги собира квалитетните изведувачи кои ја одбележаа годината како во етерот така и во полните сали. Се радувам што ќе бидам дел од спектаклот.“

Една од несомнено најголемите регионални ѕвезди, музичарот Жељко Јоксимовиќ, кој веќе има успех на најголемите европски музички случувања, за своето доаѓање на MAC вели:

„Мило ми е дека ќе настапам на Music Awards Ceremony, затоа што верувам дека ваква манифестација е неопходна и значајна за регионот, како и за поврзувањето на регионалната музичка сцена. Сигурен сум дека атмосферата и енергијата ќе бидат одлични, ќе има многу добра музика, продукција и придружните елементи ќе бидат на врвно ниво и затоа ги повикувам сите да ни се придружат во Арена на 29 јануари. Се гледаме?“

Освен поп нумери публиката на MAC ќе има можност да чуе и други жанрови, па и малку потврд звук, а за тоа ќе се погрижи групата Ван Гог, чиј фронтмен Ѓуле го најави доаѓањето на манифестацијата:

“Чест ми е да најавам дека групата Ван Гог ќе се најде на листата учесници предвидени за 29 јануари во Штарк Арената во организација на Skymusic.”

Публиката од регионот на MAC ќе има можност да ги види и настапите на Сергеј Ќетковиќ, Каролина Гочева и многу други регионални музички ѕвезди.

MAC ќе биде најкомплексниот продукциски и телевизиски потфат кога и да било изведен на нашите простори, организиран по највисоки светски продукциски стандарди, а зад проектот стои Skymusic. Употребата на најновите аудио и видео технологии, подвижни екрани и сценографија, иновативен концепт на осветлување, најсовремени трендови на концертна техничка продукција – сето она по што Skymusic ја зазема лидерската позиција во регионот, на церемонијата за доделување на музичките награди ќе биде поткренато на највисоко ниво.